Денеска се одржа Jавна промоција на ​проект за правна поддршка на ранливи жртви на насилни кривични дела имплементиран од страна на Македонското здружение на млади правници (МЗМП) во партнерство со СОС Детско село Македонија. Главната цел на овој проект е да се подобри пристапот до правда за жртвите на насилни кривични дела преку воспоставување на национален сервис за правна и психо-социјална поддршка. Специфични целни групи за сервисот за поддршка на жртви на насилни кривични дела се: деца, лица со попреченост, постари лица и жени.

На настанот се обратија претседателот на Македонското здружение на млади правници, Зоран Дранговски, Националната директорка на СОС Детско село Македонија, Јулијана Накова Гапо, заменик министерот за правда, Оливер Ристовски, претставник на Делегацијата на ЕУ во земјава, Фреек Јанмаат и проектниот менаџер Светлана Црвенковска.

Претседателот на Македонското здружение на млади правници, Зоран Дранговски посочи дека општеството единствено може да напредува доколку сите негови чинители напредуваат рамномерно, и наша должност е да обезбедиме дека никој нема да се почувствува сам на овој пат. Тој порача дека за здружението е важно да ги идентификува жртвите на насилни кривични дела, да ги зајакне преку правната заштита и да им овозможи да чекорат заедно со другите.

-Својот придонес и влог СОС Детско село ќе го овозможи преку ставање на располагање на своите ресурси, искуства и ангажирање на советници за психосоцијална поддршка кои во соработка со проектниот тим и МЗМП ќе придонесат кон остварување на специфичната цел која се однесува на овозможување на психосоцијална поддршка на жртвите односно да се пружи интервентна помош и поддршка во моментот им е најпотребна, а тоа се децата, лицата со попреченост, жените, постари лица и др. кои се жртви на разни видови насилство, со цел да се справат со истото и со последиците од истото по нивното психофизичко и социјално здравје, дополни Националната директорка на СОС Детско село Македонија, Јулијана Накова Гапо.

Министерството за правда постојано се заложува за подобрување на системот за поддршка на жртви на насилни кривични дела, рече заменик министерот за правда, Оливер Ристовски. Тој истакна дека министерството во изминатиот период работело на измени и дополнувања на неколку закони кои можат да помогнат во обезбедување на подобра заштита за жртвите притоа нагласувајќи ги Законот за кривична постапка, Кривичниот законик, Законот за правда за децата, но и носењето на новиот Закон за бесплатна правна помош. Од особена важност е и подготовката на законот за надоместок на жртвите од кривични дела како еден од приоритетите на министерството и нагласи дека истиот ќе биде реализиран до крајот на тековната година.

Фреек Јанмаат преставник на делегацијата на ЕУ во РСМ, упати дека правото на правна помош е важно и признаено во многу меѓународни документи и законодавството на ЕУ. Република Северна Македонија е една од земјите членки на Совет на Европа која издвојува најмалку финансиски средства за правна помош и дека тоа во иднина би требало да се промени. Сепак, добро е што земјата покажува постојана определба за унапредување на правниот систем. Се очекува дека тековната реформа на правниот систем и напорите на Министерството за правда, чинителите од правосудството и граѓанскиот сектор како и овој проект ќе обезбедат побрз, полесен и подобар пристап до правда и ќе ги поддржат жртвите на насилни кривични дела кон кои треба да се однесуваме со почит.

Координаторот на проектот г-ѓа Светлана Црвенковска подетално ги изнесе целите, активностите и очекуваните резултати од проектот. Притоа, посочи дека најважна е соработката на сите чинители во системот за заштита на жртви на насилни кривични дела кои треба во фокус да ја стават самата жртва и да и обезбедат целосна заштита, правна помош и психо-социјална поддршка, безбедна средина и нормален живот по завршувањето на правните постапки.

Проектот за поддршка на жртви на насилни кривични дела е финансиран од Европската Унија преку Министерството за финансии.