фото: Игор Бансколиев

Здружението „Канцерогено општество“ по една недела денеска повторно организира протест пред Собранието на Република Македонија за да ги алармира надлежните за опасно загадениот возхух и неговите штетни последици, пренесува МИА. Кристијан Узунов од Здружението рече дека доколку Владата не закаже итна седница, ќе ги радикализираат протестите и ќе блокираат сообраќајници низ државата.

-Гледаме дека властите не се многу заинтересирани што поставуваме барања. Уште еднаш потенцираме – доколку не свикаат итна седница на Влада, доколку не ги искористат сите расположиви средства за справување со овој проблем, ако не нè сфатат сериозно, ќе мора да ги радикализираме протестите со блокади за кои дополнително ќе се договориме – дали Скопје, општини, клучките… Бараме министерот и заменик-министерот за животна средина секој ден да даваат отчет што сработиле додека ние и нашите деца се труеме и сме по болници. Се надевавме и на повеќе народ, но луѓето се малку заспани – рече Узунов.

Драги Змијанац од „Меѓаши“ изјави дека власта, јавните претпријатија и сите кои имаат, како што рече, моќни политички функции, не се заинтересирани да го решат проблемот со загадувањето на воздухот и последиците што ги трпат децата.

-Како Детска амбасада „Меѓаши“ ќе ги поддржуваме сите граѓански иницијативи кои сакаат да направат притисок и промена. Болниците се полни со деца, секое второ дете страда од респираторни проблеми. Живееме во екоцидно и бесперспективно општество. Ако продолжи вака, ќе нема луѓе што ќе излезат да протестираат – рече Змијанац.

Организаторите на протестот, кој трае до 15 часот, ја поздравија вчерашната блокада пред влезот на депонијата „Дрисла“ од активисти од иницијативата „Чист воздух“ и го поддржувааат рокот што тие им го дадоа на надлежните за 15 дена да одговорат на нивните барања. Ги поддржуваат и средношколците кои најавија протест на 5 февруари пред секое средно училиште за здрава и чиста средина.