Фото: Маја Јаневска-Илиева

Државниот завод за статистика во пандемијата
регистрира фрапантни податоци

Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија од вкупното работоспособно население, кое во првиот квартал од 2020 година изнесувало 1.685.236 граѓани, дури 717.503 биле неактивни на пазарот на трудот. Веќе следната година, односно првиот квартал оваа година, бројот на лицата што ниту бараат работа ниту работат достигна 741.600 граѓани

Пандемијата го зголеми бројот на луѓе што не работат, ниту, пак, бараат работа, иако влегуваат во групата на работоспособно население. Оваа тенденција, освен во Македонија, е присутна и во Европската Унија, а познавачите велат дека по пандемијата, освен мерки за сузбивање на невработеноста, надлежните ќе треба да размислуваат и за мерки со кои ќе се активира и населението што не е активно на пазарот на трудот.
Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во Македонија од вкупното работоспособно население, кое во првиот квартал од 2020 година изнесувало 1.685.236 граѓани, дури 717.503 биле неактивни на пазарот на трудот. Веќе следната година, односно првиот квартал оваа година, бројот на лица што ниту бараат работа, ниту работат достигна 741.600 граѓани.
– Порастот на бројот на неактивни граѓани е причината зошто дојде до истовремено намалување и на стапката на вработеност (од 48,1 отсто во првиот квартал на 2020 г. на 47,1 проценти во првиот квартал на 2021 г.) и на стапката на невработеност (од 16,2 на 16,0 проценти во истиот период). Доста важно е да се внимава на бројот на неактивни граѓани, бидејќи, како во дадениот случај, намалувањето на процентот на невработени лица на најниско ниво во последните 30 години не се должи на нивното вработување, туку на нивното преминување во неактивни граѓани. За ова зголемување на бројот на неактивни граѓани треба да се отвори поширока дискусија.

Бидејќи ова зголемување за над 20 илјади не претставува мала бројка и може да се чини „нелогична“ во светлината на фактот што голем дел од работничката класа се соочува со осиромашување. Во секој случај, исклучително важно е нашата јавност да има предвид дека стапката на невработеност не се намалува само преку зголемување на вработеноста туку и преку зголемување на бројот на неактивни лица – објаснува универзитетскиот професор Здравко Савески.

Од друга страна, сопственикот на агенција за привремени вработувања „Партнер“, Раде Ненадиќ, укажува дека проблемот со бројките за невработени лица и неактивни лица е доста комплексен и укажува дека високите бројки на неактивни лица во Македонија се должат и на големиот опфат на граѓани во сивата економија, односно работници што работат, но не се пријавени.
– Проблемот со недостигот од работници, но и високата невработеност и неактивност е доста комплексен и мора да се бараат соодветни решенија. Од една страна имаме дефицитарни занимања за кои не може да најдеме работници, а од друга страна имаме и голем број граѓани што не работат, но и не бараат работа. Сметам дека голем дел од нив работат некаде, но не се пријавени и се дел од неформалната економија. Исто така имаме и високообразовани кадри што се без работа, но треба да се види нивната струка за да се знае зошто не можат да најдат работа. Наместо луѓето да се насочуваат да изучуваат струки што се бараат на пазарот, кај нас низ образовниот процес се продуцираат кадри за кои подоцна нема работа – објаснува Ненадиќ.

Наедно тој потенцира дека дисбалансот на пазарот на трудот во Македонија се создава и поради неадекватниот систем на вреднување и големите разлики меѓу платите кај приватниот сектор и во јавната администрација, па потенцира дека не може поголеми плати да имаат оние што го трошат БДП-то на државата, од оние што го создаваат. Посочува дека бројките недоволно зборуваат за состојбите на терен и додава дека преквалификациите на граѓаните не се начин за адаптација, туку е потребно преку подобрување на образовниот систем да се насочат младите што ќе изучуваат и да изучуваат стручни училишта со соодветна практика.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во Европската Унија исто така се бележи раст на неактивните граѓани, чиј број пред почетокот на пандемијата бил во постојано опаѓање.
– Уделот на луѓе надвор од работната сила како процент од вкупното работоспособно население (возрасна група 15-64) беше во тренд на опаѓање, паѓајќи од 32,3 отсто во 2002 година на 26,6 проценти во 2019 година во ЕУ. Во 2020 година, сепак, ова учество се зголеми за 0,5 процентни поени на 27,1 отсто. Станува збор за луѓето што не се активно вклучени во работната сила, што значи лица што не се ниту вработени ниту невработени, не се достапни и не бараат работа од различни причини, на пример, затоа што се запишани во образованиот процес, се грижат за член на семејство, се пред пензионирање или поради болест или попреченост – се наведува во соопштението на „Евростат“.

Пандемијата што го ја зафати светот изминатава година го потресе пазарот на трудот, поради што многу луѓе останаа без работа, а како ќе се одвива закрепнувањето по нејзиното надминување ќе зависи и од тоа како ќе закрепнува економијата, вели професор Борче Треновски од Економскиот факултет при УКИМ. Објаснува дека поради промените наметнати од пандемијата, претприемништвото, иновативноста, дигитализацијата и добрата подготовка со практични дејства на новите генерации ќе бидат пресудни за креирање кадар што ќе може да се снајде во новата средина.
– Не верувам дека невработеноста ќе се задржи или ќе се зголеми во периодот што доаѓа, од причина што сè повеќе имаме квалификувана работна рака, сè повеќе се исцрпува делот од невработените што се квалификувани и едуцирани. Но имаме определен проблем со долгорочно невработените лица, оние што треба да се преквалификуваат и со неактивното население, кое треба да се активира. Но за овие граѓани ќе бидат потребни дополнителни мерки со кои ќе се поттикнат да се вклучат на пазарот на трудот, за што ќе мора да се работи на терен, меѓу граѓаните – вели Треновски.

„Евростат“ во својата анализа утврдил дека поголем дел од женската популација е надвор од работните процеси, а слични се состојбите и во Македонија.
– Иако во 2020 година има раст на неактивните граѓани и кај двата пола, и тоа кај мажите има зголемување од 0,7 процентни поени и беше највисоко забележано зголемување од почетокот на серијата. Од друга страна, учеството на жените надвор од работната сила се зголеми за само 0,4 проценти поени во 2020 година. Сепак, уделот на жени надвор од работната сила е постојано поголем од оној на мажите – се наведува во соопштението на „Евростат“. Нивните податоци покажуваат дека најголем раст на лицата што не се вклучени во пазарот на трудот иако се работоспособни е забележано во Италија, Хрватска, Грција, Белгија и во Романија. Додека најмал раст на неактивните граѓани има во Шведска, Холандија, Естонија, Германија и во Данска.