Од академската 2021-2022 година Министерството за образование за првпат ќе воведе стипендии за докторски студии во државата.

Според МОН, со ова се излегува во пресрет на потребите и барањата за економско олеснување на оние кои одлучуваат да продолжат на трет циклус на студии на домашните високообразовни установи.

Конкурсот е веќе објавен и може да се погледне на следниот линк.

– Воведени се 15 стипендии за студии од трет циклус во земјата од научно подрачје природно – математички науки (поле биологија, физика, гео-физика, геологија и минералогија, хемија, биохемија, математика и информатика) и технички технолошки науки (електротехника, електро-машинство, електроника и автоматика, енергетика, геодезија, градежништво и водостопанство, хемиско инженерство, хемиска технологија, компјутерска техника и информатика, машинство, материјали, металургија, применета геологија и геофизика, рударство, технологија на прехранбени производи, текстилна технологија и телекомуникациско инженерство), со месечна стипендија од 18.000 денари за дванаесет месеци во годината – се наведува во соопштението од МОН.

Од таму ги охрабруваат заинтересираните кандидати да ги разгледаат условите и да аплицираат доколку истите ги исполнуваат.

Постапката за аплицирање е дигитализирана преку интернет-страницата е-услуги.

Кандидатите кои немаат можност да аплицираат електронски, пополнуваат хартиена пријава и ја доставуваат потребната документација по соодветниот конкурс во Министерството за образование и наука.

Поддршка при аплицирањето обезбедува Секторот за наука и иновации. Личните контакти на сите вработени, вклучително и на вработените во овој сектор се наведени на следниот линк.