Министерството за здравство информира дека за поликлиниката во населбата Шуто Оризари, која работи во склоп на Здравствениот дом Скопје, за период од пет години, почнувајќи од 2015, па сѐ до 2020 година, има распишано шест огласи за издавање ординации по општа медицина за матични лекари.

Од таму велат дека на ниту еден оглас досега не се пријавил лекар за работа.

Во моментот во тек е седмиот оглас за кој јавното надавање ќе биде на 7 април.

– Поликлиниката во склоп на Здравствениот дом ‘Шуто Оризари’ има четири приватни здравствени установи, и тоа ординации по општа медицина, кои во моментот се слободни поради пензионирање матични лекари. Доколку и на овој седми оглас по ред нема да се пријават невработените матични лекари, Здравствениот дом – Скопје како давател на простор за вршење здравствена дејност и понатаму ќе нема избор, туку да продолжи да го објавува огласот за издавање на просторот сѐ со цел да се јават лекари што би работеле во овие ординации за да може да се укаже адекватна здравствена услуга и да се унапреди здравствениот статус на граѓаните од оваа општина – велат од МЗ.

Во моментот во поликлиниката „Шуто Оризари“ има вкупно 14 вработени лица, од кои осум се здравствени работници и шест дел од техничката служба.

Од МЗ велат дека на годишно ниво во поликлиниката „Шуто Оризари“ се реализираат речиси 30.000 прегледи.

Во 2017 година беше отворена и ординацијата по гинекологија, но таа, по една и пол година, беше затворена затоа што докторката го раскина договорот за закуп со Здравствениот дом – Скопје. Во моментот Министерството за здравство опремува нова гинеколошка ординација, која набргу ќе почне со работа.

Деновиве повеќе граѓански здруженија побараа институциите да не ги забораваат граѓаните на општина Шуто Оризари, кои немаат матичен лекар.