Фото: Маја Јаневска-Илиева

Подрачните канцеларии на Управата за водење матични книги се отворени и работат, меѓутоа граѓаните се откажуваат од барањата кога вработените ќе им кажат колку долго треба да чекаат за своите документи

Подрачните одделенија во општините од Управата за водење матични книги, кои се отворени за да им се олесни на граѓаните што имаат потреба од изводи, речиси не функционираат. Канцелариите се отворени и работат, меѓутоа граѓаните едноставно не ја добиваат потребната услуга. Велат дека вработените ги враќаат затоа што долго ќе ги чекале своите документи.

– За да не одам до Управата за водење матични книги во поранешната зграда на Комерцијална банка, отидов во мојата општина. Сѐ ми беше подготвено, само да поднесам. Но вработените внатре ми рекоа дека не е проблем, ќе ги примат документите, но ќе треба да чекам минимум дваесет дена. Кога ги прашав зошто, ми рекоа дека не знаат зошто е тоа така. Велат дека досега извисиле многу граѓани што мислеле дека документите ќе ги добијат во период од една недела, но чекале повеќе и од еден месец – вели Верица Т., која два дена талкала од канцеларија до канцеларија за да поднесе барање за своите документи.

Таа истакна дека надлежните треба да го решат тој проблем, затоа што граѓаните се надеваат дека канцелариите функционираат, а сепак наидуваат на пречки.
– Јас сум со десетмесечно бебе. Сопругот ми е на работа, нема кој да го чува. Треба сега да одам дури до Центар за да поднесам, а живеам во Маџари. Вака канцеларијата за поднесување ми беше близу и бев со детето, но сега треба да го малтретирам дури до Центар, да го носам во автобуси, само затоа што работите во практика не функционираат – револтирано вели таа.

Слична е ситуацијата и во општината Бутел. И тука граѓаните не можат да поднесат за изводи затоа што вработените првото нешто што им го кажуваат е дека долго време ќе го чекаат издавањето на документите.

– Во надеж дека не мора да одам дури до Центар, заминав во подрачната канцеларија да поднесам за изводи. Но само што влегов да поднесам, човекот што работеше таму ми рече дека не е проблем поднесувањето, туку дека долго ќе ги чекам документите. Кога го прашав колку време се чека, бидејќи изводот ми е потребен за наредната недела, човекот ми рече дека ќе треба да чекам дури и повеќе од дваесет дена. Си ги собрав документите и заминав во Центар, каде што поднесов веднаш и ми рекоа дека изводот ќе го добијам за пет работни дена – вели Благоја З., жител на општината Бутел.

Од Управата за водење на матичните книги велат дека се запознаени со проблемот.
– Управата отвори услужни канцеларии за матично работење во Аеродром и во Карпош, за во овие канцеларии граѓаните што им припаѓаат на овие општини да имаат можност за поблиска и ефикасна услуга. Но по извесен период од нивното работење, Управата дојде до заклучок дека граѓаните, и покрај можностите, повторно по навика доаѓаат во ПО Скопје на УВМК и таму поднесуваат барање за изводи од матичната евиденција. Обемот на работа на ваквите канцеларии е несразмерно мал во однос на нивната функционалност и работа – информираат од Управата.

Оттаму додаваат дека проблем имаат и со недоволен број човечки ресурси.

– Во ПО Скопје се воведе електронско бројче за чекање на шалтерите, што направи ред, а изводите сега се издаваат за ден-два. Наедно напоменуваме дека и вработените во втората смена им стојат на услуга на граѓаните, каде што се забележува помала посетеност на граѓаните и нема турканици за добивање извод.

Но, по Новата година, УВМК во најкраток можен рок ќе ги унапреди човечките ресурси и во овие канцеларии, а во зависност од интересот на граѓаните, тие повторно ќе бидат достапни – информираат од Управата.