Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот! – е пораката со која Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата го честита празникот на љубовта и виното, Св. Валентин и Св.Трифун.

Живееме во непредвидливо време. Време на пандемија на Ковид 19 но и време на пандемија на сообраќајни незгоди во кои повеќе од 1.3 милиони луѓе во светот годишно го губат животот, а околу 50 милиони се потешко или полесно повредени.

– Св. Валентин или Св.Трифун е денот кога треба да размислите дали вреди да ги жртвувате сите убавини и радости кои ги носи животот само затоа што сакате да возите под дејство на алкохол, затоа што сакате да „беснеете“ по улиците, затоа што се срамите да ставите појас, затоа што сакате да се „сликате“ додека возите, затоа што сакате да се „покажете“ пред другите, затоа што возите без возачка дозвола. Лажат или не знаат тие кои што велат дека возат и се тркаат по улиците за да го подигнат адреналинот затоа што животот се живее само еднаш. Не, за жал само еднаш се умира, а животот, со сите негови убавини, се живее секој ден – велат од РСБСП.

По повод празниците, Републичкиот совет уште еднаш потсетува: Не дозволувајте поради една лоша одлука или лоша навика да предизвикате сообраќајна незгода со која ќе го загрозите сопствениот живот или животот на некој друг. Последиците од сообраќајните незгоди се трајни и болат засекогаш. Младоста оправдува многу нешта, но не и загубите и болката предизвикана од сообраќајните незгоди.

РСБСП им го честита Св. Валентин и Св.Трифун на сите млади, на сите заљубени, на сите кои сакаат да прослават, кои веруваат во овие празници и кои ги почитуваат позитивните и убавите нешта во животот и ги повикува сите заеднички да го прославиме празникот на љубовта и виното со тоа што ќе испратиме емотивни и едукативни пораки и совети до своите најмили: Заљуби се во безбедното возење, уживај во убавините на животот! За нас и нашата љубов, раскини му на алкохолот и брзото возење! Срце си што никогаш не возиш пијан. Среќен празник! Во име на нашата љубов, биди внимателен секогаш кога седиш зад воланот! За тие што ги сакаш, и тие што те сакаат, гушни го појасот и почитувај ги сообраќајните правила и прописи!

– Испратете некоја од наведените пораки до вашиот сакан/а. Можеби на тој начин ќе му го спасите неговиот живот или животот на некој друг – порачува Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата.