Законот за субвенциониран студентски оброк утре ќе биде поднесен во Собранието преку пратениците Јулиана Николова од ЛДП и Александар Кирацовски од СДСМ.

Законот предвидува студентите за значително пониска цена да се хранат во рестораните коишто ќе потпишат договор со Министерството за образование и наука за субвенционирање на студентскиот оброк.

– Со донесувањето на законот ќе се овозможи секој студент кој е државјанин на Републиката, без разлика дали е на државен или приватен универзитет, да има право да користи дневна субвенција за здрав оброк во износ од 120 денари. Студентите се иднината на нашата земја и истите заслужуваат да ги користат истите придобивки кои ги имаат нивните врсници во Европа. Ваков закон веќе одлично функционира во Словенија. Мораме да покажеме дека како држава се грижиме за стандардот на студентите – потенцира Зајкова.
Законот предвидува субвенциите да важат секој работен ден од 8 часот до 20 часот, но не и за викендите или за време на летниот и зимскиот распуст.