По собраниската дебата со средношколците за полагањето на државната матура, наметнавме две предлог-решенија, кои во писмена форма ќе бидат испратени и до Министерството за образование и до Владата, од каде што се надеваме на позитивен одговор, посочи пратеничката од редовите на ЛДП, Mоника Зајкова.

– Предлогот опфаќа можност за две опции, првата опција претпочита матурантите, од предвидените четири предмети, да полагаат само два екстерни предмета, а за интерните предмети да им биде впишана просечната оценка од четиригодишното школување.

Другата опција опфаќа да се полагаат 2 екстерни предмета, како што бараат матурантите, и два интерни, но со соодветно скратен обем за двата интерни предмета. Скратувањето произлегува од претходно скратената настава поради ковид-кризата, неможноста соодветно да се следат предавањата и, како што тврдат средношколците, поради оскудните технички услови на некои од нив – објасни Зајкова и порача дека ова може да биде светол пример за заемно и компромисно решавање на општествените проблеми.