Фото: Маја Јаневска-Илиева

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека засега нема македонски граѓани што се заболени или под опсервација во Северна Италија, но апелира до граѓаните да ги одложат сите патувања во тој дел од земјата

Дали македонскиот здравствен систем ќе може да се справи со новиот опасен коронавирус, со оглед на тоа дека заразата изминатите денови се прошири и во европските земји, како областите Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во Италија, каде што живеат околу 23 илјади македонски државјани? Токму вакво прашање се наметнува во јавноста, откако и земјите во регионот, како Хрватска, дале насоки сите основни и средни училишта да ги одложат планираните екскурзии во Италија во наредниот месец.

Македонските епидемиолози велат дека ќе бидат потребни големо екипирање и персонал ако се случи да имаме заболен од овој вирус, но од Министерството за здравство уверуваат дека го зајакнуваат степенот на подготвеност за превенција и справување со евентуални заболени од овој вирус. Еден од заклучоците на Комисијата за заразни болести вчера е дека ќе се зајакне контролата на сите гранични премини и на двата аеродрома во Македонија.
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека засега нема македонски граѓани што се заболени или под опсервација во Северна Италија, но апелира до граѓаните да ги одложат сите патувања во тој дел од земјата.

– На граничните премини се отстапуваат посебни простории каде што ќе бидат интервјуирани сите патници што доаѓаат од ризичните дестинации и ќе се врши првичен скрининг на нивната здравствена состојба. На скопскиот аеродром со термалната камера ќе се следат сите патници, а не како досега само оние што пристигнуваа од Дубаи и од Истанбул. Температура на патниците ќе им се мери и на аеродромот во Охрид. Доколку се јави потреба, Инфективната клиника во Штип ќе функционира како објект за изолација. Тестирањата на сомнителни случаи ќе се вршат на инфективните клиники во Скопје и во Куманово. Во земјава има доволно реагенси за тестирање на корона вирусот – посочи Филипче.

Тој додава дека сѐ уште нема конкретни насоки околу предвидените патувања во Италија на нашите ученици, но и на поголеми групи жени по повод празникот.
– Повеќе детали ќе знаеме откако ќе се искоординираме со надлежните од Центарот за управување со кризи (ЦУК) во Министерството за внатрешни работи за дополнување на капацитетите за превенција – посочи Филипче.
Министерството за надворешни работи информира дека немаат информација за наши граѓани, кои се заболени од коронавирусот во Северна Италија.

– Потврдени се 159 случаи на заразени лица со коронавирусот во Италија. Министерството за надворешни работи преку амбасадата во Рим и Генералниот конзулат во Венеција, редовно ја следи состојбата на македонските државјани, кои се наоѓаат во овој регион и остварува комуникација со надлежните италијански органи во врска со мерките што се преземаат за спречување на ширењето на коронавирусот. Препорачуваме зголемени мерки на претпазливост при патување во италијанските региони Ломбардија, Венето и Емилија-Ромања во овој период. Повеќе информации можете да добиете на travel.mfa.gov.mk – посочуваат од МНР.

За време на изминатиот викенд, Италија стана трета земја во светот според бројката на заразени и воведе карантин во 11 градa во северниот дел на земјата поради коронавирусот. Затворени се Венецискиот карневал, оперската куќа ,,Скала“ и катедралата во Милано, а голем број спортски настани се откажани.
Според последните податоци, на глобално ниво досега починаа 2.619 лица, а заразени се повеќе од 79 илјади лица.

Со термална камера отсега ќе се проверуваат сите патници на домашните аеродроми
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Филипче: Заштитни маски има доволно

Граѓаните на социјалните мрежи посочуваат дека во аптеките низ земјава нема заштитни хируршки маски за превенција од овој вирус.
Министерот Филипче вчера посочи дека заштитни маски има во големо количество.
– Во министерството имаме доволно набавени маски за здравствените работници, како и за граничните полицајци. Граѓаните можат да ги купат за комерцијална употреба – истакна Филипче.