Фото: Игор Бансколиев

Најавите на шефот на државата Стево Пендаровски да го редуцира бројот на македонските амбасади низ светот предизвика интерес во јавноста и за тоа какви се досегашните ефекти од работењето на дипломатско-конзуларните претставништва. За некои од поранешните дипломати ваквиот потег на надлежните е оправдан бидејќи земјава поседува повеќе ДКП од оптимално потребната бројка. За оваа тема нашиот весник побара мислење од кабинетот на претседателот на државата, но и од МНР, за тоа кои се критериумите по кои се врши категоризацијата при носењето на одлуката за затворање на амбасадите, која е оптималната бројка на амбасади со која Македонија би требало да располага и, секако, за досегашните ефекти од нивното работење. Од МНР за „Нова Македонија“ соопштија дека министерството во континуитет прави анализи за потребата од евентуално затворање или отворање на ДКП во согласност со надворешнополитичките приоритети и дипломатските капацитети и оттаму во најголемиот дел се црпат заклучоците и се носат подоцна одлуките.

– Во моментов Република Северна Македонија има 57 дипломатско-конзуларни претставништва. Во континуитет се прават анализи за потребата од евентуално затворање или отворање на ДКП во согласност со надворешнополитичките приоритети и дипломатските капацитети. Се работи за долг и сложен процес во кој се вклучени Министерството за надворешни работи, претседателот на државата и Владата на Република Северна Македонија – велат од МНР.

Во однос на прашањето врз кои основи и критериуми (економски, политички или професионални) се вршела категоризацијата при носењето на одлуката за затворање на амбасадите во странство од МНР, кратко одговорија дека тоа е комплексно прашање за кое при носењето на одлуката важно е да се земат предвид сите параметри со кои располага институцијата.

– Особено е комплексно прашањето за затворање амбасади, бидејќи во услови на намалување на буџетот изминатите години сме отворале амбасади, што влијае на функционалноста. Од друга страна, прашањето е многу важно и деликатно и одлука може да се донесе само по целосна анализа што ќе ги земе предвид политичкиот, дипломатскиот, економскиот, конзуларниот, културниот, финансискиот и др. аспекти – тврдат од МНР.

Од друга страна, на истава тема од кабинетот на претседателот Пендаровски за „Нова Македонија“ ни одговорија дека со стапувањето на функцијата, претседателот, во согласност со надлежностите што ги има тој во надворешната политика на државата, побарал од МНР да изработи функционална анализа за работата на дипломатско-конзуларните претставништва на Република Северна Македонија.

– Критериумите по кои се утврдува дали се затвораат одредени дипломатски претставништва се економски и политички, како на пример дали постои реципроцитет на претставување, дали постои соработка меѓу двете земји, трговска размена, присуство на дијаспора и други заеднички интереси. Како што извести претседателот во неодамнешното интервју, има препораки за затворање четири амбасади, петтата е под прашалник. Постапките за затворање на амбасадите се вршат во процес на консултации на ресорното министерство, Владата и претседателот на државата. Конечните одлуки за отворање и затворање на дипломатско-конзуларни претставништва ги носи Владата – велат од кабинетот на претседателот Пендаровски.

[email protected]