Фото: Маја Јаневска-Илиева

Студија на УНДП открива дека 90 отсто од светската популација има предрасуди кон жените

Мислењето дека мажите се подобри политички лидери или директори на компании од жените, дека студирањето е поважно за мажите отколку за жените, но и дека мажите треба да имаат приоритет на пазарот на трудот кога понудата на работни места е слаба го делат девет од десет лица во светот, вклучувајќи ги и жените, заклучува агенцијата на ОН врз основа на податоците од 75 земји. Какви се состојбите во Македонија

Речиси 90 отсто од светската популација има предрасуди кон жените, покажува студијата што ја објави Програмата на ОН за развој (УНДП) во пресрет на Меѓународниот ден на жената. Mакедонија, иако не е опфатена со ова истражување, сепак како традиционална и конзервативна средина не е имуна на оваа појава. Мислењето дека мажите се подобри политички лидери или директори на компании од жените, дека студирањето е поважно за мажите отколку за жените, но и дека мажите треба да имаат приоритет на пазарот на трудот кога понудата на работни места е слаба го делат девет од десет лица во светот, вклучувајќи ги и жените, заклучува агенцијата на ОН врз основа на податоците од 75 земји.

Предрасудите се наjизразени во Пакистан, Kатар и Нигерија, а најдобро се позиционирани Андора, Шведска и Холандија.
Македонското општество важи за патријархално и конзервативно, така што и кај нас предрасудите кон жените се постојано присутни, иако последните години се добива впечаток дека тие се намалуваат.
– Кај нас повеќе може да стане збор за стереотипи и предрасуди. Ние сме патријархално и конзервативно општество и прашањето за надминување на предрасудите кон жените е процес. Има напредок, но треба уште многу да се работи по прашањето на родовата еднаквост – вели Маја Морачанин, претседателка на ДОМ.
Според неа, клучно е воспитувањето во семејството, односно децата уште од мали да се учат да не прават разлики врз основа на полот.

– Прво е воспитувањето на децата во кругот на семејството. Семејството е тоа што треба да ги воспита да не прават разлики врз основа на полот. Потоа исто важно е и образованието и во таа насока ние се залагаме за воведување сеопфатно сексуално образование во училиштата, каде што децата треба да бидат воспитувани во духот на родовата еднаквост. Трета работа се медиумите, односно колку е присутна темата за родовата еднаквост во нивните содржини – нагласува Морачанин.

Таа додава дека треба да се соочиме со реалноста, а таа е дека предрасудите и стереотипите се присутни дури и во учебниците за најмала возраст.
– Токму во тие учебници жената често е ставена во подредена улога на мажот. На децата уште од мали нозе им се даваат погрешни пораки, но ако им се дадат поинакви пораки, тие секако и поинаку би се однесувале во иднина. Со нив треба да се работи од најмала возраст, уште од градинка – нагласува Морачанин.
Нејзиното мислење е дека сите на некој начин треба да придонесат за подобрување на работите во врска со надминување на предрасудите, но дека треба во континуитет да се работи на тоа.

Според активистите борбата за правата на жените треба да ја водат самите жени – Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според професорката Викторија Кафеџиска, борбата за правата на жените треба да ја водат самите жени.
– Оваа борба е борба на жените, со упорност да се изборат за своите права. Но менталитетот на нашата жена е таков да се дозволуваат прослави за 8 Март по ресторани, да се прифаќаат разни подароци, да се бара да бидат ослободени од работа тој ден. За тоа сме виновни ние жените. Никој нема да ни ги даде правата, самите треба да се избориме за нив со упорност и истрајност – вели Кафеџиска.

Според неа, жената во земјите од Западен Балкан повеќе се доживува како домаќинка, сопруга, мајка…
– Предрасудите кај нас сè уште се големи кај некои професии, кои се сметаат за машки. И покрај тоа што декларативно нè изедначуваат, сепак не е исто. И натаму ретко ќе видите жена пожарникар. Мене лично не ми се допаѓа ниту терминот „понежен пол“. Но ако погледнеме каде сега се наоѓаме во однос на минатото, во поглед на надминување на предрасудите кон жените се направени крупни чекори – истакнува Кафеџиска.

Таа додава дека во Македонија има жени на високи позиции во политиката, во компаниите, но никогаш не е доволно.
– Јас сметам дека процентот на жените застапени на високи позиции не е на високо ниво – смета Кафеџиска.

Студијата на УНДП вели дека „и покрај деценискиот напредок“ и натаму постојат невидливи бариери меѓу мажите и жените низ светот.
– Денес борбата за рамноправност меѓу половите треба да ја вклучи елиминацијата на предрасудите – вели Педро Консеисао, еден од челниците на УНДП.

Агенцијата на ОН ги повикува владите и институциите да почнат да користат нов политички пристап за да им се стави крај на стереотипните размислувања и дискриминаторските практики, но и да се промени поразителната статистика од извештајот, според која 28 отсто од луѓето во светот сметаат дека е нормално мажот да ја тепа жената.