Зарем некој помисли дека нема корупција во ЕУ?

Како европските земји сѐ повеќе тонат во корупција

Ако навистина институциите на ЕУ сакаат принципиелно да постапат, а тоа значи да дејствуваат во согласност со легислативата што ги регулира овие прашања (токму онака како што самата бара да постапуваат земјите што не се членки на ЕУ), нужно е институциите на Унијата сериозно и веднаш да одговорат на кршењето на основните вредности што таа ги пропагира. Ако не заради себе, тогаш заради впечатокот да не останат збунети земјите што се аспиранти за влез во Унијата, односно што всушност треба да се прави: да се негуваат корупцијата и криминалот или тие да се сузбиваат?

Иако опсервацијата во продолжение се однесува на сѐ поприсутната корупција во ЕУ, во почетокот можеби не е лошо да се почне со една карактеристична изјава на претседателот на САД, Доналд Трамп, за време на претседателската кампања во 2016 година, а се однесува на феноменот корупција: „Само јас можам да го поправам тоа“. Но поминаа веќе две години од неговото доаѓање на власт – неговата администрација прави скандали, а „мочуриштето на корупцијата“, како што самиот го нарече, не е пресушено.

Да се вратиме на теренот на европскиот континент. А таму, „на запад – ништо ново“. Што се однесува до корупцијата, таму е сѐ исто, дури и полошо. Еве ќе го земеме примерот на Централна и на Источна Европа, каде што регионалните мини-трамповци „претседаваат со своите мочуришта од корупција“. Ќе наброиме повеќе случаи.

Полска

Во Полска, лидерот на владејачката партија Право и правда, Јарослав Качински, постојано „ги кара“ корумпираните елити, нарушувајќи ги во исто време демократските институции и ставајќи свои пријатели на клучни позиции. Наедно, Владата ги презеде менаџирањето и прераспределбата на клучните фондови и нивното финансирање на невладините организации, зголемувајќи ја на таков начин веројатноста за политичка мотивираност во издавањето грантови, а за да се казнат невладините организации што ја критикуваат официјалната политика. Токму оние невладини што помогнаа во разоткривањето на корупцијата, сега би можеле да станат корумпирани. Откако е дојдена на власт партијата Право и правда, полскиот медиумски екосистем во годишните рангирања на „Фридом хаус“ е деградиран од „слободен“ во „делумно слободен“. Во објаснувањето се вели дека „ова е така заради владината нетолеранција кон независното или критичко известување, претераното политичко мешање во сферата на јавните медиуми и рестрикцијата кај јавните говорници поврзани со полската историја и идентитет“.

Европол би можел да добие слични овластувања како ФБИ во САД за да може да отвора истраги во ЕУ, предлагаат финансиски експерти

Унгарија?

Нешто слично се случува и во Унгарија под власта на премиерот Виктор Орбан. Таму се стигматизирани невладините организации што добиваат странски финансии. Тие се принудени да ги следат напорните рестрикции во известувањето, а притоа се категоризирани како „странски агенти“. Во Унгарија се отиде и понатаму од примерот со Полска, односно со неутрализација на унгарското цивилно општество, креирана е плодна почва за развој на корупција. Унгарскиот индекс за перцепција на корупцијата на листата на „Транспаренси интернешанал“ падна од 55 во 2012 година, до 45 во 2017, доаѓајќи така под државите какви што се Саудиска Арабија и Малезија. Некогаш шампион на демократијата, сега Орбан тоне во корупциски скандали, кои потекнуваат од неговото наводно прифаќање на финансиски придонеси од еден близок круг сомнително успешни стопанственици. Членовите на неговата влада сега рутински патуваат со приватни авиони за да присуствуваат на фудбалски натпревари и одат на ексклузивни ловечки походи низ Европа, а познато е и дека им прават друштво на државните олигарси на нивните луксузни крстосувања. Договорите за јавни набавки се во просек за 25 отсто повисоки од пазарните цени. Првпат по формирањето, Европскиот парламент, според членот 7 од Лисабонската спогодба, неодамна изгласа санкции за држава-членка на ЕУ, по извештајот за обемот на нелиберализам и корупција во Унгарија, односно, според показателите на истражувањата, таму има „ужасни резултати на полето на нееднаквоста, корупцијата и криминалот“!

„Грабеж“ на фондовите на Унијата

Не е изненадување што многу од членовите на европарламентот, кои и понатаму одбиваат да ја поддржат формалната акција на владата на Орбан, всушност се оние што се вклучени во сопствени скандали. Само како пример, „Европа на нации и слободи“, парламентарната група на крајната десница, која се состои од францускиот Национален фронт, италијанската Лига и австриската и холандската Партија на слободата, наводно примила 427.000 евра како компензација за „неразумните“ и „незаконски“ трошоци во текот на 2016 година.

Ако навистина институциите на ЕУ имаат волја принципиелно да постапат, а тоа дефинитивно пред сѐ значи во согласност со легислативата што ги регулира овие прашања (токму онака како што самата ЕУ бара да постапуваат земјите што не се членки на Унијата), нужно е институциите на Унијата да одговорат на кршењето на основните вредности што таа ги пропагира, почнувајќи од обидите да се задушат невладините организации и слободниот печат.

Финансиските експерти имаат идеја дека „би било идеално ако Европол (Агенција на ЕУ за соработка во спроведувањето закони) би бил унапреден со овластувања слични на оние што ги има ФБИ во САД“. Тоа значи дека Европол би бил овластен да отвора истраги насекаде во Унијата, барајќи притоа од сите национални агенции за спроведување закони да соработуваат со него.

Наместо институциите на ЕУ да ги штитат владите во рамките на Унијата (кои според многу показатели овозможуваат корупција и во некои случаи дури и ги ограбуваат европските фондови), ЕУ би требало да ги користи механизмите што ѝ се достапни, за да се обезбеди повикување на одговорност за сите влади на земјите-членки. Одбраната на европските вредности го бара тоа од нив! За да не останат збунети земјите што се аспиранти за влез во Унијата, што всушност треба да се прави: да се негуваат корупцијата и криминалот или да се сузбиваат?