Најостри казни за сите кај кои ќе биде утврдено дека не ги почутуваат препораките за заштита од коронавирус, најави министерот за здравство Венко Филипче откако соопшти дека негова колешка, директорка на Клиниката за дерматологија пет дена доаѓала на работа место да остане во изолација откако се вратила од Италија. Директорката е сместена на Клиниката за инфективни болести, а вирусот и бил дијагностициран доцна синоќа.

– Со оглед на тоа што се работи за колешка, морам да кажам дека сум максимално разочаран. Таа сега е на лекување насочени сме кон тоа прво да се излекува. Секаде каде што ќе видиме дека има прекршок ние ќе преземеме најостри мерки на санкционирање. Освен тоа што таа е на лекување, во овој момент не можеме и ништо друго да преземеме во смисла нејзино разрешување, поради изборите, но мерки ќе има секако – изјави Филипче.

Тој уште еднаш апелира сите што доаѓаат од ризични региони, доколку на граница немаат симптоми, да останат во автоизолација 14 дена оти инкубацијата е најризичниот стадиум од болеста.

Во текот на денот Министерството за здравство очекува да добие известување од Стопанската комора за бројот на патници од Македонија кои заминале на организирано осмомартовско патување во ризичните региони.

Италија стана втора земја во светот по бројот на починати и заразени од вирусот Ковид–19. Во поселдните 24 часа од коронавирус починале 133 лица, што е најголема бројка жртви во еден ден досега, а бројот на починати е 366. Италија има вкупно 7.375 заболени  од кои оздравеле 633 лица, што е за 33 повеќе од вчера.