Премиерот Зоран Заев од 4 до 5 јули ќе предводи владина делегација на годишниот Самит за Западен Балкан, кој годинава се одржува во Познањ, Полска.

Како што информираат од владината прес-служба, во Познањ на заедничка прес-конференција на премиерот Заев со неговиот полски колега, Матеуш Моравјецки, германската канцеларка Ангела Меркел и бугарскиот премиер Бојко Борисов, која ќе се одржи во петок, ќе биде објавено дека Република Северна Македонија и Република Бугарија заеднички ќе претседаваат со Берлинскиот процес во наредните 12 месеци.

Претседавањето на земјава и Бугарија ќе финализира во јули 2020 година со годишниот самит кој заеднички ќе биде организиран во Софија и Скопје.

-Од почетокот на иницијативата, за прв пат се случува една земја членка од Западен Балкан, кандидат за членство во ЕУ, како што е Северна Македонија, да копретседава со Берлинскиот процес и заедно со Бугарија, земја членка, да ги организира и координира проектите за поддршка на регионалната соработка и евроинтеграциите на Западен Балкан- се појаснува во владиното соопштение.

Програмата за шефови на држави и влади на Самитот за Западен Балкан ќе се одржи на 5 јули, во петок, кога полскиот премиер, Матеуш Моравјецки, ќе ги пречека шефовите на делегациите на земјите од Западен Балкан, како и канцеларката Ангела Меркел и членовите на владината делегација на СР Германија која е покровител на иницијативата Берлински процес и има за цел да го помогне зајакнувањето на капацитетите на земјите од регионот во нивните евроинтеграциски процеси.

На централната пленарна сесија на самитот, гостите од регионот ќе ги поздрави и полскиот претседател, Анджеј Дуда.

Премиерот Заев ќе учествува во сите работни сесии на Самитот и ќе има свои обраќања на работниот ручек, како и на пленарната сесија.