Со полагање на цвеќиња на спомен обележјето во касарната „Мирче Ацев“, семејствата на загинатите, делегации на АРМ, Општина Прилеп и повеќе здруженија, попладнево во Прилеп ги започнаа активностите за одбележување на 18-годишнината од масакрот кај Карпалак кога загинаа 10 прилепски бранители.

Командантот на гарнизонот во Прилеп, потполковник Ѓорѓи Василевски, посочи дека овој трагичен и црн настан однесе десет патриоти.

– Кај Карпалак одекна и во ист момент згасна херојскиот крик на 10 борци и јунаци на кои им беше одземена шансата да се борат и победат. Во тој подол чин им беа одземени безброј други шанси да се докажат колку се способни да творат и работат – рече потполковникот Василевски.

Беше посетена и Спомен собата во чест на загинатите Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Бранко Секулоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Горан Миноски, Веби Рушитоски, Дарко Велјаноски, Марко Деспотоски и Пецо Секулоски.

Од семејствата велат дека и по 18 години болката по загубените чеда не стивнува, сѐ уште пече.

Стојанче Ангелов, национален координатор во Владата, посочи дека тогаш не биле преземени мерки за обезбедување на конвојот и затоа се случил масакрот.

Цвеќиња беа положени и на спомен обележјето во с.Лениште.

Чествувањата за одбележување на 18-годишнината од масакрот кај Карпалак продолжуваат утре.

Ка.М.