Сто и дваесет питомци и студенти од Република Македонија и 11 партнерски и пријателски земји во следните две недели ќе учествуваат на десетиот Летен кампус кој во организација на Воената академија „Генерал Михаило Апостолски“, од денеска се реализира на полигонот „Криволак“ и тренинг-центарот „Пепелиште“.

На отворањето на кампусот, заменик-министерот за одбрана, Беким Максути, истакна дека станува збор за уникатен проект кој овозможува питомци и студенти од повеќе земји да разменуваат искуства, да учат едни од други и да стекнуваат познанства.

– Северна Македонија ќе стане полноправен член на НАТО и кадетите од нашата Армија многу наскоро нивните пријатели од земјите членки на алијансата ќе можат да ги наречат не само партнери, туку и сојузници – рече Максути.

Митко Богдановски, продекан на Воената академија, рече дека големиот број активности и богатата програма на кампусот е резултат на долгогодишното искуство и успешната реализација на овој кампус, чиј дел досега биле над 1.600 питомци и студенти од дваесетина земји.

– Нашата главна мисија е да создадеме силна мрежа помеѓу идните офицери и да ги подготвиме за идна интероперабилност и соработка, како и да постигнеме високо ниво на културолошка размена, со што ќе дадеме и голем придонес кон глобалниот мир и безбедност – рече Богдановски.

Оваа година учесници на Кампусот се питомци и студенти од Република Македонија, САД, Албанија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Романија, Германија, Хрватска, Чешка и Норвешка.