Премиерот Зоран Заев денеска преку интернет врска учествуваше на Конференцијата „Западен Балкан: Еден регион, еден пазар – Чекор кон заедничкиот пазар на ЕУ“, заедно со повеќе челници и претставници на влади, невладини организации и членови на бизнис заедницата од регионот.

Учесниците на дводневната конференција, која се одржува овие два дена во Нови Сад, разговараа за регионалните иницијативи како дел од политиката на проширување на ЕУ кон Западен Балкан, со акцент на придобивките на најновата иницијатива „Отворен Балкан“ и создавање на заеднички пазар за земјите од Западен Балкан.

„Ние како влади, работиме и соработуваме, подготвени да ги слушнеме потребите на граѓаните, припадниците на бизнис секторот и коморите и водени од таа цел, заедно со лидерите на Србија и Албанија преземаме чекори и иницијативи за олеснување на нашата соработка“, рече Заев.

Според премиерот, регионот на Западниот Балкан има обезбедена солидна основа за натамошен економски развој и соработка во социјалната и културна сфера.

„Она што следи во регионот е, прво, унапредување на регионалната трговска размена на стоки и услуги, како и движењето на луѓе, капитал и знаење, што во прв ред претпоставува отстранување на сите постоечки бариери за слободата на движењето. Потоа, неопходно е надградување и на процесот на дигитализација во сите држави, преку обезбедување на дигитални вештини, дигитална инфраструктура и дигитална безбедност. Конечно, ќе следи подобрување и на конкурентната способност на сите економии од регионот, паралелно со промовирањето на зелен развој и транзиција, преку различни видови на активности“, посочи Заев истакнувајќи дека регионот кој има околу 18 милиони жители е добар потенцијал за искористување на сите придобивки кои се многу важни не само за земјите од Источна Европа туку и за земјите членки на Унијата.

Премиерот во своето обраќање се осврна на важноста на младинското претприемаштво, регионалната соработка и економскиот развој, истакнувајќи дека сите напори на владите на трите земји од регионот е насочена кон обезбедување на успешна иднина за младите, со цел економски развој, подобрувањето на условите за живот, како и совладувањето на причините што младите ги мотивираат, па често и принудуваат да се иселуваат во странство.

„Почитувани млади пријатели, ве охрабрувам, ризикувајте, преземајте активности за да ги реализирате своите идеи, а ние, владите од регионот, ќе ве помагаме и ќе настојуваме да создадеме најповолна бизнис клима, отстранувајќи ги сите бирократски и слични пречки, дизајнирајќи и спроведувајќи разновидни мерки за поддршка на претприемачите – финансиски, инвестициони, локациони, обука на работната сила и слично“, истакна Заев на денешната Конференција.