Загубата е ненадоместлива, но не сте сами и нема да ве оставиме сами. Духовно сме со вас, а ќе бидеме со вас и во иднина. Преземаме обврска да им помогнеме на семејствата со возможното и за тоа лично ќе се заложам. Како Влада и како надлежни органи, ве уверувам дека ќе сториме сè да ги расветлиме причините за несреќата, истакна премиерот Зоран Заев на комеморацијата во Општина Гостивар.

Рече дека денешниот и утрешниот ден се денови на жалост во целата држава и дека молитвите на сите граѓани во земјава се упатени за покој на загинатите сограѓани.

-Ја споделуваме големата болка со вас. Душата нè боли за секој згаснат живот. Тоа се и наши сограѓани, тоа се и наши деца, беа и наша надеж. И тагата е заедничка. Зборовите за утеха во вакви моменти тешко се наоѓаат, зашто нема утеха за срцата кои тагуваат по саканите. Свесен дека зборовите сега не можат да допрат до душата која жали. Но можеби понатаму ќе бидат нечија водилка низ болката, која не поминува, ама човек учи да живее со неа – рече Заев во својот говор.

На комеморацијата што ја организираше градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари, Заев беше придружен од вицепремиерите Оливер Спасовски и Бујар Османи и министрите Венко Филипче и Сухејл Фазлиу. Премиерот се запиша и во книгата на жалост отворена во Советот на Општина Гостивар.