Премиерот Зоран Заев во интервју за белградскиот весник „Политика“ изјави дека патриотска должност на секој политичар, посебно на секој премиер, е да се грижи за интересите на граѓаните, кои му ја дале довербата и за интересите на државата. Одговарајќи на прашање како се чувствува по потпишувањето на договорот со Грција, тој вели дека е подготвен на лидерство, да води во сите процеси што значат безбедност, зацврстување на меѓународните позиции на Македонија, а и на регионот.
Во поглед на спроведувањето на договорот во Македонија и ставот на претседателот Ѓорге Иванов и на опозицијата, Заев одговори дека ништо не зависи од Иванов, како и од сите политичари, туку сѐ зависи од граѓаните.
– Граѓаните ќе се изјаснат на референдум за историскиот договор со кој државата оди напред. Тоа што е до мене и што е до Владата, ние ќе го направиме, ќе се обидеме целосно и темелно да им ги доближиме на граѓаните придобивките од договорот со Грција и да ги расчистиме сите предрасуди со кои неодговорни политичари, водејќи се од лични интереси, ја замајувале или ја замајуваат јавноста. Јас сум непоправлив оптимист како што знаете и верувам дека референдумот ќе успее, а тоа ќе значи успех за секој граѓанин на Македонија. Но, како и да е, ние како Влада јасно ќе го образложиме својот став пред референдумот. Дали тоа ќе имаат аргументи и храброст да го направат и другите политички субјекти ќе видиме. Ама зборот на граѓаните ќе мора да го почитуваат сите, и претседателот Иванов, и опозицијата, и ние како Влада – појаснува Заев.