Премиерот Зоран Заев придружуван од министерот за економија, Крешник Бектеши, и од заменик-министрите за политички систем и за труд и социјална политика, Илхан Раман и Енвер Хусеин, се сретна со Мустафа Шентоп, претседател на Големото национално собрание на Република Турција и со парламентарна делегација од Турција.

– На состанокот е констатирано дека пријателските билатерални односи помеѓу двете држави се унапредуваат, што го покажува активната економска соработка, како и трговските односи коишто се одржуваат без видливи загуби и во време на пандемијата. Исти така, нагласено е дека посетата на парламентарната делегација од Турција, со цел присуство на одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик во нашата држава, во услови на специфичната здравствена состојба во светот, е потврда на културните врски и меѓусебното, како што беше констатирано, идентитетско признавање, помеѓу народите на двете земји – соопштија од Владата.

Заев се заблагодарил за поддршката што ја дава Турција на нашата држава од осамостојувањето на државава до денес и посочил дека Турција е меѓу најголемите инвеститори во нашата држава и изразил посебна благодарност за помошта во областа на здравството во време на пандемијата, како и за поддршката на Армијата, во рамки на НАТО-партнерството.

– Успешно градиме едно општество за сите во нашата држава. Го честитаме Денот на наставата на турски јазик во земјава и го одбележуваме со достојна почит, бидејќи сме определени кон соживот и еднакви услови за живот за сите граѓани. Фокусирани сме кон пријателства и со нашите соседи и со нашите меѓународни партнери, со што го потврдуваме нашиот европски начин на однесување и функционирање – рече премиерот Заев.