Премиерот Зоран Заев чека утре на седница на Владата да добие решение со кое се пренесува правото за раководење со Министерството за финансии до изборот на нов министер. Целта за ова, повтори, му е да носи крупни одлуки за доброто на граѓаните, а дел од работата ја остава на заменичката која по закон го менува министерот за финансии.

Во врска со најавите за ребаланс на буџетот, Заев рече дека следи разговор со сите буџетски корисници.

– Ќе недостасуваат пари за гасификација, важен проект е, железници, патишта, еден дел ќе има промени од фискални импликации како повратот на ДДВ и друго. Во средина на јули ќе соопштиме кога ќе биде ребалансот – рече Заев.

Не одговори кој ќе биде советник, откако разрешениот министер Тевдовски најави дека се враќа како професор на факултет. Тевдовски беше еден од министрите опфатени со реконструкцијата на Владата, а за неговото место премиерот Заев се предложи себеси.