Историјата на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е нераскинлив дел од историјата на Македонија, кој изминатите 72 години како првиот државен универзитет во нашата земја ја исполнува својата мисија на еден од столбовите на нашата државност, истакна премиерот Зоран Заев по повод празникот 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј до ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје, кој е воедно и патронен празник на нашиот прв државен Универзитет.

– УКИМ како достоен продолжувач на визијата и просветителското дело на светите браќа Кирил и Методиј досега има создадено околу 150.000 високостручни кадри, над 10.000 магистри и специјалисти и околу 4.000 доктори на науки во сите наставно-научни области. Делото со кое нè задолжија светите браќа Кирил и Методиј како основачи на првото словенско писмо и оставија драгоцено цивилизациско богатство за македонскиот народ, како и за сите словенски народи, нé поттикнува да размислуваме и дејствуваме, без предрасуди, да ги негуваме нашите вредности и да ги почитуваме другите.

Овој наш престижен Универзитет останува посветен на негувањето и чувањето, но и на меѓународната афирмација на традиционалните обележја и вредности на македонскиот народ и македонскиот јазик, на нашата историја, литература и култура, како и на културните вредности на сите други етнички заедници во Северна Македонија – вели Заев.

Тој нагласи дека врвен приоритет за Владата е зголемувањето на инвестициите во високото образование.

– Во согласност со добрите европски практики да ги унапредиме условите за работа и студирање, како и достапноста, особено за лицата со попреченост на системот, обезбедувајќи квалитет и ефикасност – нагласи премиерот Заев.