Македонија е на добар пат за остварување на нејзините стратешки цели, членството во Европската Унија  и НАТО, оценил францускиот амбасадор во Македонија Кристијан Тимоние на денешната средба со премиерот Зоран Заев.

Каско што соопшти владината прес-служба, на средбата Тимоние му честитал на премиерот Заев за лидерството кое доведе до Договорот од Преспа, кој е клучен за реализација на евроинтеграциските процеси.

-Насочени сме да го искористиме историскиот момент и имаме највисока мотивација по добиената покана за почеток на пристапните преговори со НАТО и најавениот датум за почеток на преговорите со ЕУ, да ја внесеме Македонија во евроатлантското семејство, каде македонските граѓани ја гледаат својата иднина-истакнал премиерот Заев, заблагодарувајќи му се на францускиот амбасадор за сета поддршка која неговата земја и ја дава на  Македонија и нејзините граѓани за време на реализацијата на стратешките цели.

Премиерот повторил дека Македонија ќе продолжи со политиката на градење на пријателство со сите соседи како единствен услов за стабилност и европска интеграција на целиот регион.

Во однос на евроатланските интеграции на средбата двајцата соговорници се согласиле дека за граѓаните е многу важна посветеноста на Владата за продолжување на спроведувањето на реформите во правосудниот систем, јавната администрација и борбата против организираниот криминал и корупцијата со што се отвораат и перспективите за активен економски развој.

Премиерот Заев и амбасадорот Тимоние разговарале и за конкретната француска поддршка, која се остварува во насока на соработка со француски експерти во областа на подготовките на македонската администрација за преговорите со ЕУ, со цел што побрзо отпочнување на преговорите на Македонија со Унијата.

На состанокот станало збор и за искористување на можноста за поголема динамика на економската соработка помеѓу Македонија и Франција.

Во знак на почит за неговите залагања и во чест на одбележувањето на 25 години од воспоставување на дипломатските односи меѓу Македонија и Франција, амбасадорот Тимоние на премиерот Заев му врачил сребрена монета со ликот на „Жан Моне“, еден од татковците на Европа, симболично посакувајќи му среќа во напорите за заокружување на процесот на европска интеграција на Македонија, стои во соопштението.