Александар Верушевски, син на функционерот во СДСМ, Зоран Верушевски тонски го снимал лидерот Зоран Заев пред четири години во Струмица. Ова го кажа Заев, обзнанувајќи дека објавената снимка на Јутуб е од ручек во 2016 година. Запрашан какви се односите меѓу него и Александар Верушевски, тој кажа дека е во добри односи, како и дека е близок со неговото семејство.

– Во врска со прашањето во врска со соговорникот кој ме снимал, тоа е господинот Александар Верушевски. На ручек кај мене во Струмица, тоа е летото 2016 година. Овде, седиме и ручаме и видов дека ме снимал. Разговорот јасно покажува кој е. Не беше тоа пред 100 години, беше пред четири години од денеска, наназад гледано. Ние сме во добри односи. Секој со својата одговорност. Јас сум пријател со сите. Тој така одлучил, така направил. Јас сум многу близок со неговото семејство, ги сакам неговите дечиња. Со професорот Верушевски сум пријател, тој е претседател на нашата Комисија за внатрешна безбедност во државата, советник во Кабинетот за национална безбедност. Соработувам, но еве, така одлучил мојот пријател Александар и така направил – рече Заев.

Поранешниот разузнавач и советник на Заев, Верушевски, сведочеше во предметот „Таргет-Тврдина“, кој се однесува за масовното прислушкување.