Тамара се извини за пропустот со македонската химна на синоќешната прослава на Денот на независноста во Амбасадата на САД во Скопје и тоа потврдува дека станува збор за ненамерна грешка, рече премиерот Зоран Заев.

– Нашата ѕвезда се извини на Фејсбук, амбасадата исто. Тоа е пропуст. Химната се пее секој ден и секаде. Тоа потврдува дека е ненамерна грешка – рече Заев.

Тамара Тодевска ја отпеа химната без строфата каде што се споменува Гоце Делчев и другите национални херои што предизвика бурни реакции во јавноста. Таа се извини и рече дека била понесена од емоции и од целокупната еуфорија и за жал, како што кажа, ненамерно изоставила дел од химната.

– Дозволете ми од дното на моето срце да ви се извинам за вчерашната грешка. Не постои поголема чест за еден уметник од пеењето на националната химна и токму поради тоа и ја прифатив поканата од Амбасадата на САД. Не постојат зборови со кои можам да ја опишам мојата тага поради пропустот што го направив при пеењето на химната. Понесена од емоции и од целокупната еуфорија, за жал, ненамерно изоставив дел од химната. Уште еднаш ви се извинувам за оваа грешка и се надевам дека ќе најдете простор во вашите срце да ми простите. Со почит, Тамара – напиша пејачката.