Премиерот Зоран Заев денеска во посета го прими новоименуваниот шеф на Мисијата на ОБСЕ во Скопје, амбасадорот Клеменс Која.

На средбата Заев се заблагодари за долгогодишната плодна соработка со ОБСЕ и искажа подготвеност за продолжување и унапредување на оваа соработка.

Како што соопшти владината прес-служба, тој исто така ја истакна и посебната улога која ОБСЕ ја има во опстојувањето на демократијата во Македонија, како и стабилизирањето на државата по турбулентниот и кризен период низ кој што помина Македонија, како и придонесот што оваа организација го даде во поддржувањето на напорите на земјава да ги спроведе неопходните реформи и во подобрување на меѓу етничкиот дијалог.

– ОБСЕ и мисијата во Скопје, е важен фактор за македонската Влада, посебно во процесот на имплементацијата на отпочнатата реформска агенда. Во таа насока очекуваме дека истата блиска и конструктивна соработка ќе продолжи на основа на докажаната спремност на мисијата да ѝ асистира на македонската Влада во постигнувањето на стратешките цели, членството во ЕУ и НАТО – рече премиерот Заев на средбата со амбасадорот Која.

Амбасадорот Која во оваа прилика се заблагодари за довербата во ОБСЕ, посебно нагласувајќи дека се свесни за процесите кои се случуваат во Македонија, и дека државата и понатаму ја има поддршката за продолжување на својот реформски пат до исполнување на своите стратешки цели.

Исто така, амбасадорот Која истакна дека како и во минатото, оваа организација, останува пријател на Македонија и во иднина, подготвена да помогне онаму каде што може за да се задржи фокусот на отпочнатите реформи во државата.

Амбасадорот Која, е австриски дипломат кој на позицијата доаѓа од австриското МНР, каде најмногу работел во одделот за јужна Европа. Исто така бил втор човек на мисијата во Мадрид и амбасадор во Белград и Љубљана.