Се намалуваат шансите за добивање на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ за Република Македонија. Иако Европската комисија вчера даде чиста препорака, клучните земји-членки не се сигурни дека ќе дадат „зелено светло“ следниот месец.

Кон Франција и Холандија, државите за кои е познато дека се воздржани по ова прашање, се приклучи и Германија.

Премиерот на Република Македонија, Зоран Заев, како можна пречка за датум во јуни го посочи германскиот Бундестаг.

-Очекуваме датумот за почеток на преговори да биде даден ова лето. Јасно е дека јуни е тешко достижен, заради тоа што Бундестагот има седница меѓу 3-ти и 6-ти јуни и не верувам дека извештај што се објавува на 29-ти мај и треба формално-правно да се процесуира и да стигне до националните парламенти на земјите членки на ЕУ, ќе може меѓу 3-ти и 6-ти јуни да биде на седница, иако ако се направат малку поголеми напори од Германија, како голем пријател, тоа би било можно – изјавил Заев.

За само два дена, двајца влијателни пратеници на ЦДУ на канцеларката Меркел, испратија негативни прогнози за Република Македонија.

-Нема да има брза одлука за Македонија и Албанија по препораката на Европската комисија. Ваква проверка не може да се случи набрзина. Тоа не би можело да се оправда пред германското население, ниту пак би било соодветно за засегнатите земји – изјави денеска Јохан Вадефул.

И покрај очекувањата на Заев да се добие датум за почеток на преговори летово, не е исклучена и опцијата тоа да се случи во есен.