Горди сме дека како власт овозможивме услови независниот правосуден систем да работи и да го врати владеењето на правото, изјави премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за новинарите по завршувањето на седницата на Централниот одбор на владејачката партија.

-Веруваме во презумпцијата на невиност и веруваме во исправноста на независност со силата на аргументите да се докажуваат постапките за можен криминал на секој кој евентуално се огрешил пред законот. Верувам дека тоа се исправни чекори. Вакви случаи се мачнина и тешкотија за сите во општеството, но истовремено се предизвик – рече Заев алудирајќи на притворот за Катица Јанева и случајот „Рекет“.

Тој изрази увереност дека Република Македонија и граѓаните ќе излезат како победници и порача дека секој што се огрешил пред законот треба да одговара.

Едно од новинарските прашања се однесуваше на најавените нови бомби од страна на италијанскиот новинар, во кои наводно Заев бил директно инволвиран, заедно со министерот за здравство Филипче и директорот на Фондот за здравство.

Премиерот на ова одговори дека апелира секој што има некакви докази веднаш да ги објави.

-Ако има докази нека се објават, за било кој, прво за мене, па после и за сите. Нека се објават секаде. Тоа го заслужуваат граѓаните за било кој, еве и мене ме спомнувате, ако е за Зоран Заев, веднаш да ги објават. Дали е италијанскиот новинар, дали е господинот Мицкоски, апелирам да објават – порача Заев.

Тој истакна дека тоа е начинот на кој се постапува во земја што е слободна и дека објавувањето на незаконски дејствија помага во јакнењето на сите општествени процеси и на државата.