Во телефонскиот разговор со канцеларката на СР Германија, Ангела Меркел, премиерот Зоран Заев изрази благодарност за зголемениот ангажман на германското претседателство со ЕУ, за личното вклучување на министерот за надворешни работи, Хајко Мас, на државниот министер за ЕУ, Михаил Рот, како и за личниот ангажман на канцеларката Меркел. Заев за време на разговорот истакна дека СР Германија направи многу за европската иднина на Западен Балкан, вклучително и преку Берлинскиот процес, со кој годинава претседаваат заедно Република Бугарија и Република Северна Македонија.

Во телефонскиот разговор меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев беше споделен заедничкиот интерес и истата цел на двете земји за време на германското претседателство со ЕУ – да се одржи првата меѓувладина конференција во декември како почеток на преговорите на Северна Македонија за членство во ЕУ.

Премиерот Заев истакна дека тоа е шанса што не треба да биде пропуштена и дека интензивниот ангажман на вклучените страни создава можности за остварување на заедничката цел – одржување на меѓувладината конференција за почеток на преговорите.

На интересот за ситуацијата со ковид-19 во нашата земја премиерот Заев информира дека сите капацитети на државата се ангажирани во справувањето со пандемијата и се заблагодари за помошта од СР Германија и од ЕУ за мединцинскиот и заштитен материјал, како и за финансиската поддршка, што ја покажува солидарноста на ЕУ со земјите од регионот и со Западен Балкан во целина, се вели во соопштението од Владата.