Фото: Игор Бансколиев

Изминуваат три недели од пожарот во тетовската болница во која изгореа 14 пациенти. Обвинителството тврди дека се работи на случајот и се собрани сите докази, кои се предмет на анализа.

Премиерот Зоран Заев, прашан кога ќе донесе одлука за понудените оставки од министерот за здравство Венко Филипче и на заменик-министерот Илир Хасани, го повтори веќе познатиот став – по објавувањето на извештаите.

„Јас знам дека форензичките извештаи и анализите се при крај. Очекувам да се објават. Што побргу е подобро за да ги решиме сите овие дилеми. Животот продолжува, политичарите се во кампања, се случуваат секојдневни активности, ред е да се објави извештајот за да можам и јас да го кажам својот став за оставките од министерот и заменик-министерот“, рече Заев.

Последните информации од Обвинителството се дека тимот на истражители добива засилување од нови четворица обвинители за да се утврди кој е виновен и што е причината за катастрофалниот пожар.