Политичките лидери треба да ги обезбедат сите услови за младите да го прифатат и да го предводат бранот на промени во своите земји и во регионот, истакна денеска претседателот на Владата, Зоран Заев, на завршната пленарна сесија „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“ во рамки на Четвртиот Форум за младинско лидерство што се одржа во Нови Сад.

– Политичките лидери од регионот треба да ги обезбедат сите услови да младите да го прифатат бранот на промени тука, во своите земји, во регионот и да станеме конкурентен дел на Европа. Регионот се менува и тоа е незапирлив процес, а младите се треба да двигатели на тие промени. Не може да чекаме некој друг да ни помогне – истакна премиерот Заев.

Тој потенцираше дека треба младите треба да учествуваат во изнаоѓањето решенија за предизвиците и проблемите со кои се соочува нашиот регион и Европа.

– Сите сме охрабрени од потенцијалот на нашиот регион да произведува соработка, добри вести, реформи и решавање на проблемите, како и од пријателствата што ги имаме ширум Европа и светот. Сите сме силно мотивирани да направиме повеќе од нас и за нас за да му докажеме на целиот свет дека национализмот, конфликтите и проблемите се зад нас, а прогресивниот дух, желбата за соработка и решавање на заедничките проблеми се пред нас – рече премиерот Заев.

Во однос на одлуката да не им биде овозможен старт на преговорите на нашата земја и на Албанија, Заев потенцираше дека таа не смее да влијае на мотивацијата за трансформацијата на општествата во земјите на Западен Балкан, и дека реформите и промените согласно европските стандарди треба да добијат на уште поголема динамика.

– Пред неколку години тешко седнувавме на маса, а сега покренуваме заеднички иницијативи, соработуваме, си помагаме, се изградија видливи пријателства. Тоа го правиме преку Берлинскиот процес и Регионалната економска област. Но, тоа го правиме и преку процесот за напредна регионална соработка која ја инициравме со претседателот Вучиќ и премиерот Рама. Направивме искрена и корисна иницијатива отворена за сите од регионот. Низ дијалог, пријателство, низ соработка, со шанса за младите ќе ги забрзаме развојните процеси во овој дел на Европа интерес на младите – нагласи премиерот Заев на завршната пленарна сесија „Западен Балкан во 2030 – Визии. Желби. Реалности.“, како и на прес-конференцијата веднаш по повод Четвртиот Форум за младинско лидерство што се одржа во Нови Сад.


Имаме заеднички интерес да реализираме транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти

Заедничка заложба за континуитет во градењето на добрососедските односи и нивно натамошно унапредување како придонес за стабилноста, безбедноста и просперитетот на Регионот, беше централна тема на средбата на претседателите на владите на Македонија и Србија, Зоран Заев и Ана Брнабиќ што денеска се одржа во Нови Сад на маргините на Регионалниот форум за млади.

Во насока на остварување на овие заложби од особено значење се интензивните средби на претседателско и на премиерско ниво што во последните три-четири месеци се одржаа во Македонија и во Србија, како и средбите на регионалните форуми.

На средбата меѓу премиерите Зоран Заев и Ана Брнабиќ стана збор и за акцискиот план за имплементација на декларацијата за унапредување на регионалната соработка која што Северна Македонија, Србија и Албанија, ја донесоа во Охрид, во проширен формат за да се засили спроведувањето на конкретните мерки за 4-те слободи, односно слободниот проток на луѓе, стоки, услуги и капитал, што е во согласност со повеќегодишниот Акциски план усвоен на Самитот за ЗБ во рамките на Берлинскиот процес и документите на ЕК, и што треба да помогне кон забрзувањето на интеграцијата на Регионот и полноправното членство во ЕУ.

Инфраструктурното поврзување како дел од регионалната соработка добива се по нагласена димензија, и во таа насока, на средбата во Нови Сад премиерите Заев и Брнабиќ се согласија дека е потребно двете земји да ја интензивираат комуникацијата за идентификација на заедничките интереси и заеднички настап заради добивање поддршка за реализација на транспортни, инфраструктурни и енергетски проекти и иницијативи од обостран интерес, со регионален предзнак.