Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум во Република Македонија.

На средбата, соопшти Секторот за односи со јавност на Владата на Република Македонија, било разговарано за важноста за демократско спроведување на процесот и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура изјаснувањето на граѓаните.

– Посветени сме да спроведеме комплетно регуларен, транспаретен и доверлив процес, рекол премиерот Заев.

Претседателот на Владата, Заев посочил дека во таа насока, кампањата за референдумот е едукативна и е првенствено насочена кон објаснување на договорот од Преспа и од придобивките од евро-атлантските интеграции, како и кон мотивација на граѓаните, каков став и да имаат, да излезат и да го изразат на претстојниот референдум.

– Референдумот е можност граѓаните да го изразат својот став, но исто така укажуваме дека изјаснувањето е граѓанска должност на секој човек со право на глас, бидејќи се работи за добрата иднина на државата, истакнал Заев.

Тој соопштил дека големото мнозинство граѓани во Македонија, уште од прогласувањето на независноста на државата се определени за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО и изразил очекување дека оваа определба ќе се одрази на референдумот.

Премиерот Заев, стои во соопштението, додал дека предреферендумската атмосфера во државата е пријатна и подвлекол дека очекува вклучување и на опозицијата, во функција на остварувањето на стратешките државни цели и на интересот на граѓаните за просперитетна иднина.

На средбата била изразена согласност за важноста на извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум, со оглед дека Македонија очекува почеток на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата. А, претставувањето на Република Македонија како држава којашто практикува демократија, како што рекол премиерот Заев, е значајно за впечатоците дека земјата се развива во добар правец, низ почитување на европските вредности.