Легализацијата на канабисот за медицинска употреба, како и декриминализација за мало количество за лична употреба, е еден од плановите на Владата за 2021 година, како што истакна премиерот Зоран Заев на денешната прес-конфереција.

– Канабисот е една од најдинамичните индустрии и Владата ќе ги поддржува компаниите кои ќе се занимаваат овој бизнис. Во Северна Македонија се одобрени 59 лиценци за оваа дејност – истакна премиерот. 

Тој е уверен дека собранието ќе ги усвои законските измени.

– Верувам дека парламентот ќе ги усвои законските измени со кои ќе се овозможи извоз на цвет од канабис за медицински цели. Следната година очекуваме профит од преку 250 милиони евра за производство на канабис – посочи Заев.

Премиерот се осврна и на личната употреба на канабис.

– Да овозможиме декриминализација на канабисот во мали количества за лична употреба. Не е во ред некој да оди во затвор затоа што користел половина грам канабис за лична употреба – смета премиерот.

Заев најави јавна расправа до јуни следната година, кога очекува усвојување на повеќе законски измени во поглед на канабисот, нагласувајќи дека во текот на идната година се планира проширување на листата на болести за кои ќе биде дозолено лекување со произоди од канабис.

Премиерот ги презентираше проектите и програмите од владината „Акција 21 – за европски стандарди дома!” за 2021 година. Во „Акција 21“ се вклучени 10 приоритети, а број еден на листата е – прочистувањето на правосудството.