фото: Фејсбук

Премиерот Зоран Заев, денеска, во Тирана, учествуваше на заедничката прес-конференција со српскиот претседател, Александар Вучиќ, и со албанскиот премиер, Еди Рама, на која информираа за резултатите од самитот „Отворен Балкан“.

Заев потенцира дека „Отворен Балкан“ како иницијатива e силен придонес кон големите идеи и вредности на Европската Унија, придонес кој, како што рече, регионот не го носи на ниту едно друго место, туку единствено поблиску до самата Унија.

– Кога ЕУ потфрла, ние имаме обврска постојано и постојано да преземаме иницијативи што го европеизираат регионот и кои носат подобар, европски живот за нашите народи. Се разбира, сите три земји остануваат посветени на своите одделни агенди и обврски за пристапување во членство во Европската Унија – рече Заев на прес-конференцијата.

Премиерот ја истакна поддршката на САД и на ЕУ за оваа иницијатива и истакна дека таа е потврда за одржлив процес за заеднички економско-политички простор на Западен Балкан, со конкретни придобивки за граѓаните.