Премиерот Зоран Заев, денеска, заедно со министерот без ресор, задолжен за дијаспората, Едмонд Адеми, изврши обиколка и увид на почнувањето на санацијата на колекторскиот систем за Охридското Езеро.

– Денеска, по неполна година подготовки и барање најдобри решенија и финансиски средства за реализација, почнуваат работите на чистење и реконструкција на колекторскиот систем во Охридско-струшкиот Регион од наслојките и корењата од дрвјата и санација на цевководот на колекторот. Дополнително, ќе се поправат или ќе бидат заменети сите редуктори на сите 18 препумпни станици, ќе се санира целиот систем за прочистување на отпадните води во пречистителната станица и ќе се изврши комплетно чистење на атмосферската и канализациската мрежа во должина од 300 километри во Охрид и Струга – рече Заев во врска со санацијата за која се обезбедени 4,2 милиони евра од буџетот.
Премиерот истакна дека овој значаен и сериозен зафат се презема поради несеопфатната реализација и негрижата за одржувањето на системот за прочистување на отпадните води бидејќи создале сериозни еколошки штети и закани за Охридското Езеро и за природните убавини и реткости во неговото опкружување, иако, како што нагласи, сознанијата за последиците биле познати изминативе години.

– Во наредните 5 месеци ќе го поправиме тоа што со години беше запуштено од негрижа и недејствување. Охридското Езеро и заштитеното подрачје опфатено со УНЕСКО се наша гордост, но и грижа на сите нам, и затоа следува комплетна санација на колекторскиот систем. Нашата намера е да покажеме дека знаеме и дека се грижиме за нашите скапоцености и тоа оваа Влада ќе го докаже – истакна претседателот на Владата.