Ниту една земја – членка на Европската Унија не е против отворање на преговори со Македонија, изјави премиерот Зоран Заев на новинарско прашање кои земји вчера на советот на министри за надворешни работи на ЕУ биле против отворање преговори со Македонија.

– Порано имаше земји против и ГАК (Совет за општи работи на Унијата) не носеше вакви заклучоци. Нема ниедна земја против. Напоменувам, нема земја против отворање преговори за да може ГАК да донесе ваков заклучок и да му го предложи на европскиот совет, така што имаме консензуална одлука – рече Заев.

Тој апелира до граѓаните да се радуваат за оваа историска одлука за нашата земја. Заев рече дека преговорите ќе почнеле во јуни ако не биле изборите за Европскиот парламент.

Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, претходно на „Твитер“ објави дека против отворање на преговорите вчера гласале Франција, Холандија, Германија, Данска, Луксембург, Белгија и Шпанија. Според него, 12 земји членки биле „за“ преговори: Полска, Унгарија, Словачка, Чешка, Италија, Словенија, Хрватска, Бугарија, Романија, Естонија, Латвија, Литванија. Другите, меѓу кои и Грција, биле воздржани.

Министрите за надворешни работи на Европската Унија вчера не се согласија за доделувањето датум за почеток на преговорите за Македонија, но и за Албанија. Тие се договорија најдоцна до октомври да се навратат на ова прашање.

– Потврдувајќи ги своите заклучоци од 26 јуни 2018 година, Советот силно го поздравува историскиот Преспански договор, како и договорот за добрoсоседски односи со Бугарија, и се осврна на препораките на Комисијата за отворање пристапни преговори со Република Македонија врз основа на нејзината позитивна оценка за постигнатиот напредок и исполнувањето на условите утврдени од Советот. Поради ограниченото време на располагање и важноста на предметот, Советот ќе се врати на ова прашање со цел да се постигне јасна и суштинска одлука што е можно побргу и не подоцна од октомври 2019 година – се наведува во заклучокот на Советот за општи работи на Унијата.