Многу вознемируваат информациите и фотографиите за несоодветното третирање на медицинскиот отпад. Како граѓанин на оваа држава, како родител и како одговорен политичар не можам да поверувам дека човечки органи и медицински материјали се третирале аматерски со потенцијална опасност заразите да се пренесат врз луѓето – напиша лидерто на СДСМ, Зоран Заев на Фејсбук.

Според него, подвигот на градскиот инспектор да упадне во „Еко клуб“, да направи фотографии и да ја фати на дело фирмата која опасниот отпад го третирала несоодветно, треба да преставува мотив за надлежните институции за што побрзо решавање на случајот.

– Јас и моите соработници нема да дозволиме некој да профитира врз здравјето на нашите сограѓани. Заврши времето кога никој не водеше сметка за екологијата и здравјето и кога се замижуваше пред вакви скандали. Овој случај на тест го става пред сѐ Јавното обвинителство кое треба да покаже независност и политичка неутралност во утврдувањето одговорност на оние кои медицинскиот отпад го претворале во храна за кучиња скитници. Но, овој случај е голем тест и за ВМРО-ДПМНЕ, партијата за која фактите говорат дека е поврзана со фирмата која го расфрлала медицинскиот отпад.ВМРО-ДПМНЕ добро знае дека тие што неодговорно се однесуваат кон јавното здравје ќе бидат казнети и од институциите и од граѓаните – порача Заев.

Скопскиот градоначалник Петре Шилегов вчера објави видеа и фотографии, на кои, како што беше посочено на прес-конференцијата, се гледа неодговорното и несовесно постапување со медицинскиот отпад, каде што кучиња скитници јадат човечки остатоци и крв што истекува во атмосферската канализација и се влева во реката Вардар.

Министерството за животна средина и просторно планирање, дознавајќи од медиумите за одржаната прес-конференција на Инспекторатот на Градот Скопје каде беа изнесени нивни сознанија од извршен увид во работењето на компанијата „Екоклуб“ ДООЕЛ Битола, веднаш изврши увид во издадените дозволи за вршење третман на медицински отпад и воспостави контакт со Државниот инспекторат за животна средина за дополнителни информации во однос на спроведените надзори.