Незаконска е одлуката за преименување на имињата на двете основни училишта во Чаир, оцени првиот човек на СДСМ, Зоран Заев.

Претходно, минисерот за образование, Арбер Адеми информираше дека ОУ „Никола Вапцаров“ сега официјално се вика „Имри Елези“, а ОУ „Рајко Жинзифов“ сега е „Исмаил Кемали“.

Заев порача дека Централниот регистер треба да корегира постапката, бидејќи не постои одлука на Советот на општина Чаир.

– Државните органи треба да ја проверат основаноста на регистрацијата на новите имиња на две основни училишта. Таа одлука според мене е незаконска – одговори Заев на новинарско прашање за денешните информации за нови имиња на две основни училишта во скопската општина Чаир.

Тој рече не може таква одлука да биде донесена врз основа на решение од некој училишен одбор.

– Се знае како е законот. Законот моора да се почитува. Немаме намера да отвораме рани на какви било национализми. Правото треба од сите да се почитува – изјави Заев.