Државата ќе им помогне на општините во враќање на затекнатите стари долгови, а со ребаланост во октомври ќе бидат алоцирани средства за трајно да се реши проблемот, изјави денеска премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се решаваат долговите на училиштата.

– Конечното решение на оние затекнати стари долгови е преку начинот на кој што државата ќе им помогне на општините во враќање на долговите. Најголем дел од тие долгови се спрема училиштата, детските градинки и другите образовни институции. Верувам дека со ребаланост во октомври сите овие средства ќе бидат алоцирани за трајно да се реши проблемот, а дотогаш јас како премиер заедно со градоначалниците сме вклучени да ги подмируваме долговите кои се накалемени на самите училишта – рече Заев.

Премиерот Заев, денеска заедно со министерот за образование и наука Арбер Адеми и градоначалникот на Општина Бутел Велимир Смилевски, присуствуваше на приредба по повод првиот училишен ден во ОУ „Ацо Шопов“, во Радишани.