Премиерот, Зоран Заев го прими командантот на сојузничката команда на здружени сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој со делегација на НАТО е во посета на нашата земја по повод одбележувањето на првата годишнина од членството на Македонија во Алијансата.

На средбата, на која присуствуваа и министерката за одбрана Радмила Шекеринска и бригадниот генерал Симеон Трајковски, началник на Ј-5 секцијата во Генералштабот на Армијата на Македонија, премиерот Заев му се заблагодари на Бурк за честа што Алијансата со присуство на свои високи претставници ќе учествува во одбележувањето на првата годишнина од членството на земјата во НАТО.

– Членството во НАТО е остварување на определбата на граѓаните и на политичките елити во земјата негувана и афирмирана низ годините наназад уште од прогласувањето на независноста на Северна Македонија. Во таа насока, во текот на периодот што претходеше на тој чин, работевме на исполнувањето на политичките критериуми во делот на унапредување на демократијата, слободите и владеењето на правото, како и на трансформацијата на нашата армија во согласност со стандардите на Алијансата – потенцираше премиерот Заев.

Тој информираше дека Владата продолжува да инвестира во Армијата на Македонија со буџетска поддршка која расте дури и во време на пандемијата кога приоритет е поддршката за санирање на социоекономските последици за која до сега се издвоени 1,3 милијарди евра.

Командантот на Сојузничката команда на здружени сили во Неапол, адмиралот Роберт Бурк од своја страна нагласи дека му е чест што предводи делегација на Алијансата по повод првата годишнина на Македонија во НАТО и го истакна придонесот што земјата го даваше и во периодот пред пристапување во членството во сојузот, и дека значаен удел за успешното остварување на овој процес имаше лидерството на земјата во последните 4 години кога се донесоа најзначајните одлуки за остварување на оваа цел.


Македонија е доверлив и стратешки сојузник на НАТО

Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими командантот на сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол, адмирал Роберт Бурк, кој е во работна посета на земјава по повод одбележувањето на годишнината од членството на Македонија во НАТО и затворањето на НАТО канцеларијата за врски.

На средбата беше изразено задоволство од исклучително високото ниво на односи меѓу Македонија и Алијансата и беа разменети мислења и информации за соработката на Македонија со Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол.

Претседателот Пендаровски ја поздрави поддршката што Сојузничката команда на здружените сили на НАТО во Неапол ја дава за успешно завршување на процесот на нашето воено интегрирање во Алијансата.

– Одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион претставува колективен интерес на сите. Република Северна Македонија е подготвена да продолжи со реформите во одбраната и модернизација на Армијата согласно сите НАТО стандарди, кои истовремено овозможуваат државата да ги проектира и заштити своите витални национални интереси и да ја зајакне својата геополитичка и гоестратегиска положба – истакна претседателот Пендаровски, додавајќи дека нашата земја во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на Алијансата.

Во таа насока, претседателот истакна дека Македонија и во иднина ќе продолжи активно да учествува во мисијата на КФОР на Косово, која е под директна команда на Неапол, и да обезбедува логистичка и медицинска поддршка на Алијансата, односно на НАТО предводената операција на Косово, каде е предвидено и зголемување на бројот на македонските припадници.

Соговорниците дискутираа за можностите за продлабочување на регионалната соработка и учество во регионалните НАТО инцијативи и партнерства, кои би ја зајакнале стабилноста во регионот и во кои би можеле да го пласираме нашето искуство како нова земја членка на НАТО. Во таа насока, беа разгледани можностите за проширување на учеството на Македонија во меѓународните мировни мисии предводени од Алијансата.