Македонскиот премиер Зоран Заев и неговиот грчки колега Алексис Ципрас, утре, во 10.30 часот по бугарско време, во Софија ќе ја имаат својата втора тет-а-тет средба.

Владини извори за МИА потврдија дека новата средба меѓу двајцата премиери ќе се одджри на маргините на самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија, на кој ќе се расправа за европерспективите на земјите од регионот.

Средбата меѓу премиерите Заев и Ципрас изминатите денови се најавуваше како клучна во процесот на решавање на спорот за името.  Последните изјави, и од македонската, и од грчката страна, сепак, се проткаени со воздржаност дека токму оваа средба ќе вроди со конечен договор за името.

 – Сакам договор за мојата земја, оптимист сум и еден од првите луѓе кој го сака тоа, но не можам да кажам дека имаме договор за прашањето за името- изјави вчера Заев и изрази надеж дека двете страни ќе постигнат договор.

Макеоднскиот премиер изрази надеж дека договор ќе има.

-Успехот што досега го постигнаа министрите за надворешни работи е за почит. Се надевам дека токму на Самитот на ЕУ и Западен Балкан и на средбата со грчкиот премиер,  ќе можеме да ги потврдиме досегашните успеси и, ако не друго, да проговориме за начините за изнаоѓање на решение- рече Заев.

Од Брисел, пак, пристигнува оптимизам дека Грција и Македонија ќе постигнат договор во јуни.

– Сѐ уште нема среќен крај и нема да има оваа недела, но има добар напредок. Она што е важно е да има решение за грчко-македонскиот спор на почетокот на јуни, тоа би можело да е клучно за позитивна одлука на Европскиот Совет во јуни- изјави вчера висок дипломат во Брисел.