Лидерите на двете најголеми политички партии во земјава вчера, преку своите фејсбук-профили, им го честитаа празникот Прочка на православните христијани.

Премиерот Зоран Заев рече дека Прочка е денот кога православните христијани ги чествуваат простувањето и помирувањето.
– Нашето внатрешно и меѓусебно помирување е еден од главните темели за градење заедница на граѓани исполнети со меѓусебно почитување, со грижа и љубов за другиот. Тоа е концепт што носи добро за сите. Да нѐ крепи духот на простување и помирување со кој е исполнет денешниот ден. Да си посакаме многу мудрост и трпеливост додека го градиме нашиот заеднички дом, дом за достоинствен живот и правда за сите наши граѓани. Честит празник Прочка – посочи Заев.

Христијан Мицкоски, лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, посочи дека кога бог простува, тогаш зошто и ние помеѓу себе да не си простиме.
– Да си простиме со ближните, со познатите, со сите. Бидејќи само преку спокој може да бидеме достојни пред бога. И нема човек што не греши, но и затоа бараме и барам прошка за сите наши прегрешенија. Поделбите мора да се надминат, да се постигне единство и правдата да завладее. Правдата ќе е силата за обесправените и таа сите ја должиме кон оние што носат неправда. Простувањето не значи беззаконие, туку поука и сила за правдата. Духовноста нѐ учи на простување и тоа мора да биде наша водилка. Да не го оптоваруваме духот со гнев. За многу години Прочка – напиша Мицкоски на својот фејсбук-профил.