Eвроамбасадорот Самуел Жбогар смета дека препораката за ветинг во судството е последна опција и оти моментно нема потреба за такво нешто, додека премиерот Зоран Заев ги повика институциите веднаш да започнат проверка на имотот на судиите и обвинителите, а Европската комисија да активира инструменти за мониторинг на судските случаи од висок профил.

– Процесот што го спроведуваме се вика прочистување во делот на правосудството, кај судиите и јавните обвинители. Не треба да го употребуваме поимот ветинг бидејќи симболизира една поразлична постапка што се спроведе во соседството, во Албанија, каде што претходно беше на меѓународни комисии. Ние сме во понапредни фази со реформските закони и дадовме сериозни алатки со кои самите институции можат да го направат прочистувањето – изјави Заев.

 Ветингот во судството е последна опција за евроамбасадорот Самуел Жбогар

– Ветингот е последната опција. Предуслов за ветинг претставува консензусот од сите политички страни, но тоа е последното решение. Моментно не гледаме потреба за такво нешто. Тоа е нашиот став, но на државата останува да се донесе одлуката – истакна Жбогар по вчерашната средба со претседателот на Уставниот суд, Сали Мурати.