Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше како покровител на свечениот настан по повод 70 години од формирањето на Државниот архив на Република Северна Македонија.

– Оваа институција, која е темел на нашиот идентитет и сведок на нашата историја, култура и традиција, несомнено има значајна улога, пред сѐ, како чувар на нашата колективна меморија и националните вредности – рече Заев.

Според него, Државниот архив е историско-научен храм, кој претставува мост помеѓу минатото и иднината.

– Почетна точка во истражувачката генеза за најзначајните елементи поврзани со идентитетот на еден народ. Бидејќи архивскиот материјал е заштитено историско и културно наследство и е наше трајно националното богатство, Државниот архив за нас претставува еден од столбовите на нашиот идентитет и наша афирмација на меѓународен план – додаде премиерот.

Потсети дека пред оваа значајна институција како предизвик и приоритет стои процесот на дигитализација, кој поинтензивно ќе почне да се спроведува во втората половина од оваа година. Со тоа, додаде Заев, Државниот архив ќе биде рамноправен со европските и светски архиви и ќе може многу полесно и поуспешно да соработува со нив и со сите останати кои имаат интерес за материјалите што се чуваат во оваа институција.

На настанот беа присутни и претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, министерката за култура, Ирена Стефоска, директорот на Државниот архив, Емил Крстески и др.