фото: Маја Јаневска Илиева

Претседателот на Владата, Зоран Заев, се сретна со еврокомесарот за соседска политика и проширување, Оливер Вархељи, кој во рамките на својата балканска турнеја организирана по повод испораката на првите вакцини против Ковид-19 како помош од ЕУ за Западен Балкан денеска пристигна во Северна Македонија.

На средбата, која се совпадна и со пристигнувањето на првите количини од 4.850 дози од одобрените вкупно 119.213 вакцини на „Фајзер“, премиерот Заев изрази благодарност за помошта во време на решавање на предизвиците што ги наметна пандемијата и го оцени овој гест како голема порака за европската солидарност.
На средбата стана збор и за актуелниот миг на процесот за интеграција на нашата земја во ЕУ, при што премиерот Заев нагласи дека Северна Македонија е подготвена и отворена за изнаоѓање заедничко решение во билатералниот предизвик со Бугарија и изрази очекување ЕУ да помогне со креативни предлози за решенија.

Во насока на исполнување на европските стандарди во процесите што се во тек, Заев ја истакна посветеноста на институциите, државата и општеството на европските реформи и ги издвои резултатите што се особено видливи во областа владеење на правото и борба против корупцијата, а пред очите на јавноста се случуваат неповратни процеси за справување со организираниот криминал.

Премиерот Заев изрази благодарност и за економската помош од 160 милиони евра од ЕУ, кои ѝ беа ставени на располагање на Северна Македонија за спроведување на политиките за справување со социо-економските последици од пандемијата, а со кои, како што беше кажано, се спасени стотици илјади работни места и се заштитени разни ранливи групи.

– ЕУ е нашиот пат, а европеизацијата е нашата агенда – нагласи премиерот Заев на средбата со еврокомесарот Вархељи.

Еврокомесарот Вархељи, од своја страна, оцени дека денешниот е голем ден што ја симболизира солидарноста на ЕУ со земјите кандидати за членство од Западен Балкан и истакна дека за Брисел е значајно што оваа поддршка ќе ја засили борбата против пандемијата. Вархељи дополни дека нешто повеќе од 119.000 дози се обезбедени и дека во ЕУ работат на обезбедување дополнителна помош за справување со ковид-кризата.

Во однос на интеграцискиот процес на нашата земја за членство во ЕУ, Вархељи потенцира дека Европската комисија дава силна поддршка на сите напори за изнаоѓање решение на отворените прашања меѓу Северна Македонија и Бугарија со цел почеток на преговорите и позитивно ги оцени отвореноста и подготвеноста на Република Северна Македонија за изнаоѓање решение.