Премиерот Зоран Заев денеска во својот кабинет ја прими Росана Дуџак, постојана координаторка на Обединетите нации (ОН) во земјава, која му го честиташе почетокот на вториот мандат со желби за плодна работа, изразувајќи поддршка за продолжување на интензивната соработка со органите и телата на ОН и во наредниот период.

Истакнувајќи дека вториот мандат во 2020 година започнува во поинаков и многу подобар политички контекст отколку во 2017 година, Заев порачал дека Владата останува посветена на имплементација на договорите со Грција и Бугарија, на зајакнување на независните институции, политичкиот дијалог и подобрување на економскиот и социјалниот стандард на граѓаните.

Тој се заблагодарил и за огромната поддршка која ја има нашата земја од Обединетите нации.

На средбата било потенцирано дека партнерската соработка меѓу Владата, институциите и ОН за активностите за реализација на глобалните цели за одржлив развој, утврдени од Обединетите нации продолжуваат со ист интензитет, особено во справувањето со последиците од пандемијата на ковид-19 и преземањето мерки за стабилизирање на економијата во земјата.