Како членка на НАТО и на глобалната коалиција за борба против тероризмот Северна Македонија ги спроведува највисоките стандарди во борбата со насилниот екстремизам и тероризмот и во ресоцијализацијата на терористичките борци повратници, изјави премиерот Зоран Заев на настанот на кој се презентираше Националниот план за реинтеграција, ресоцијализација и рехабилитација на повратници од странски војски и членови на нивните семејства.
Тој кажа дека борбата против тероризмот, радикализацијата и насилниот екстремизам и заштитата на националната безбедност и безбедноста на сите граѓани на нашата земја се во врвот на приоритетите на Владата.

– Можам да кажам дека сме задоволни како нашите институции досега се справуваа со феноменот на странските борци бидејќи истите беа соодветно правно процесуирани низ кривично-правниот систем и се соочија со предвидените затворски казни согласно нашиот правен систем. Но, она што ќе биде предизвик во идниот период е да се процени дали начинот на којшто институциите ќе постапуваат со лицата кои отслужија казна затвор и членовите на нивните семејства и начинот на нивно прифаќање и интеграција назад во нивните локални заедници ќе ги даде потребните ефекти во процесот на деангажирањето на радикализираните поединци, без притоа да биде доведена во прашање безбедноста и сигурноста на пошироката средина – рече премиерот.

Затоа, додаде тој, Владата минатата година ја формираше интер-ресорската Работна група за реинтеграција на странски терористички борци. Работната група доби мандат да изработи прецизен план за постапување на институциите при обезбедувањето на соодветен здравствен, образовен, психосоцијален, социо-економски, безбедносен и правен третман кон оваа категорија наши граѓани, водејќи притоа сметка да не бидат стигматизирани од пошироката заедница.