Премиерот Зоран Заев денеска ја посети родната куќа на великанот Блаже Конески, положувајќи цвеќе пред споменикот во чест на неговиот роденден.

– Оваа посета ја правиме и во пресрет на 100 годишнината од неговото раѓање која како настан за одбележување е запишан во календарот на УНЕСКО за 2021 година – рече Заев додавајќи во таа насока, 2021 година ќе биде уште една глобална афирмација на македонскиот јазик.

Премиерот нагласи дека животот и делото на Конески се судбински врзани и со раѓањето на македонската државност, со што, како што кажа, се исполнил вековниот сон на редици и редици генерации.

– Конески ги поврза стремежите на неговите претходници, Рацин, Мисирков, Миладиновци и многу други преродбеници од 19-тиот и 20-тиот век, кои ја прифатија светлината на просветителската мисија на светите Кирил и Методиј, светите Климент и Наум, која тие им ја дарија на сите словенски народи во Европа. Конески ја проучи и разработи суштината на македонскиот јазик, го насочи неговиот развој како современ литературен јазик сообразен со светски прифатените стандарди – посочи Заев додавајќи дека Конески ги запишал и најубавите стихови во слава на нашиот национален идентитет.

Според премиерот, кога го чествуваме Конески не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик, туку и неговото останато научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата.

– Богатството што Конески го остави зад себе засекогаш ќе ги исполнува со љубов и љубопитство, со постојан интерес за истражување сегашните и идните поколенија научници, поети, и најважно од сѐ, искрените вљубеници во вистината и убавината – нагласи Заев.