Во петок ќе имам состанок во Министерството за финансии на кој дефинитивно ќе утврдиме дали ќе има ребаланс на Буџетот или не и ако го правиме кога ќе го правиме, најави денеска премиерот Зоран Заев.

– Од она што значи следење на Буџетот од моја страна сметам дека нема потреба од ребаланс, но својот став и аргументи треба да го каже и Министерството за финансии. Ние немаме некои потреби што треба да ги реализираме, а не се проектирани во Буџетот, рече Заев во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.

Сепак, додаде, јас сакам да разговарам малку подлабоко со Министерството за финансии за сето она што може да биде рационално искористено, а гледаме дека нема да се искористи да се алоцира онаму каде што може максимално да се искористи.

Нагласи дека останува на проекцијата за раст на БДП од 3,2 отсто и додаде дека очекува да се зголеми реализацијата кај капиталните инвестиции.

– Од оние 400 милиони евра кои се капитални инвестиции во Буџетот само еден дел се трансфери за гасификација, железница и патишта. Капиталните инвестиции патишта, железници и инфраструктура се надвор од реализацијата на капиталните инвестиции и само 200 милиони евра се буџетски средства во реализацијата. Синтетички и аналитички гледано внатре за мене постои можност во огромен процент целото тоа да се рализира, посочи Заев.

Нагласи дека тоа зависи од ефикасноста на имотно-правната служба, катастарот и храброста на јавната администрација да носи одлуки за јавните набавки кои треба да се спроведат.

-Треба да направиме се што можеме за да вбризгаме колку што може повеќе капитални инвестиции, рече Заев.